Почетна >> Еко проекти >> Треска

Bookmark and Share


Треска

Според последните статистички податоци водата на изворите од реката Треска е со квалитет од прв степен. Меѓутоа поради огромните количини на отпад кој го фрлаат во неа жителите од околните градови и села, водата по нејзиниот тек има загаденост од трет степен. Состојбата секојдневно се повеќе се влошува, бидејќи не е најдено соодветно решение за справување со проблемот со отпадот во овие општини. Имено во ниедно од локалните градови и села нема контејнери, депонија или служба која би се справувала со отпадот, па тамошните жители се приморани да го фрлаат во реките т.е. притоките на Треска. Оттаму дел од отпадот водата го носи во Треска, а голем дел од него завршува во водите на вештачката акумулација Козјак. Воедно жителите ја користат водата од реките за секојдневна употреба, напојување на добитокот и наводнување на земјоделските површини, а децата си играат во неа.

После неколкунеделното запознавање со состојбата во притоките и селата  околу нив  заклучивме дека со чистењето на Треска само моментално ќе ја смениме жалната слика за оваа река. Затоа решивме да чистиме редоследно, прво притоките, потоа реката Треска и на крај да завршиме  со  вештачката акумулација Козјак. Ова е единствениот начин доколку сакаме оваа непријатна слика да не ни се повторува секоја пролет кога реките надоаѓаат и со себе наместо студена и питка вода да ја носат и сета наша "култура" на живеење.

Задачата што сами си ја поставивме е сложена, тешка и долготрајна и без помош од општините и стопанските субјекти кои за жал во овој дел од Македонија се бројат на прсти. Ние постојано ќе ве известуваме за постигнатите резултати, а доколку сакате на било кој начин да се вклучите и помогнете, заеднички многу полесно и побрзо барем делумно ќе ги поправиме штетите кои непрекинато и ги нанесуваме на природата.    

Вкупната должина на опфатениот регион е околу 300 км.

Целна група

  • Жителите на општините Пласница, Кичево и Македонски брод
  • Сите постоечки еколошки  и риболовни друштва

Цели на проектот

  • Чистење на водната површина на реката Треска, нејзините притоки и вештачкото езеро Козјак
  • Решавање на проблемот со ѓубрето во регионалните општини
  • Соработка со регионалната општинска власт
  • Подигнување на еко свеста
  • Создавање на култура за одржување на чиста животна средина
  • Прераснување на еколошките акции во традиција
  • Придобивки на општините во туристичка и економска насока
  • Придонес кон стекнување европски имиџ на Република Македонија


Фотогалерија - Состојба на реката Треска

Аларм за природата © 2010